Menu Close

Централно европски симпозиум за фармацевтска технологија „CESPT 2023“ – примена на иновации и нанотехнологија во фармацијата

Фармацевтскиот развој и потенцијалот на нано медицината и нанотехнологијата, нивното присуство во клиничката терапија и ефектите во терапевтските третмани и во современата дијагностика беше централна тема на 14-тиот Централно европски симпозиум за фармацевтска технологија  „CESPT 2023“, што се одржа во Охрид од 28 до 30 септември. Голем број од излагањата на овој престижен симпозиум беа посветени на иновативните технологии во призводството на безбедни и ефикасни лекови, нанотехнологијата во фармацијата и нејзината примена во современите терапевтски практики, фармацевтскиот квалитет и регулаторните предизвици.

Организатор на овој престижен тематски научен симпозиум беше Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Македонското фармацевтско друштво. Историјата на Централно европскиот симпозиум за фармацевтска технологија започнува дамнешната 1995 година со одржувањето на првиот симпозиум во Блед, Словенија организиран под покровителство на Европската федерација за фармацевтски науки (EUFEPS), Последователните симпозиуми беа одржани во Порторож (Словенија, 1997 и 1999 год.), Виена (Австрија, 2001 год.), Љубљана (Словенија, 2003 год.), Сиофок (Унгарија, 2005 год.), Љубљана (Словенија, 2008 год.), Грац (Австрија, 2010 год.), Дубровник (Хрватска, 2012 год.), Порторож (Словенија, 2014 год.), Белград (Србија, 2016 год.), Сегед (Унгарија, 2018 год.) и Гдањск (Полска, 2021 год.). Настанот е уште позначаен бидејќи за прв пат меѓу голем број на престижни наставни и научни институции номинацијата да го организира овој симпозиум беше доделена на Фармацевтскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Северна Македонија, кој за град домаќин го избра живописниот Охрид.

Со свои трудови и излагања посветени на најновите трендови во областа на фармацевтскиот развој, современите терапевтски системи, нанотехнологијата и нејзината примена во фармацијата настапија експерти од земјата, како и експерти од Белгија, Холандија, Шпанија, Австрија, Италија, Германија, Словенија, Хрватска, Полска, Словачка, Унгарија, Романија, Србија, Турција, Албанија и други земји од Европа и регионот. За време на „CESPT 2023“ учесниците ги презентираа своите оргинални научни трудови во рамките на неколку секции посветени на фармацевтскиот развој и производството, нанотехнологијата и современите терапевтски системи, фармацевтските анализи и биоанализите, молекуларните таргети на лековите и персонализираната терапија. Посебно внимание предизвикаа и активностите во рамките на Централноевропската алијанса за едукација и истражување на полето на фармацевтската технологија во чии рамки беше и студентската секција каде што студентите чии докторски студии се сеуште во тек имаа можност да ги презентираат своите оргинални научни резултати. Во текот на симпозиумот беа презентирани 10 презентации од поканети еминентни научници во полето на фармацевтскиот развој и нанотехнологијата, 35 орални презентации од истакнати научници во ова поле како и 114 постер презентации. 

Споделувањето на најновите искуства и сознанија во оваа област што е од огромно значење за брза имплементација на иновациите во фармацевтската индустрија и во клиничките третмани е главната придобивка од овој стручен собир. Покрај тоа, преку учеството на македонските истражувачи кои работат на ова поле од академската средина и од фармацевтската индустрија се овозможи промоција на фелата што е значајно за остварување на нови соработки и имплементацијата на најновите искуства во фармацијата во земјава.

За време на Симпозиумот беше најавено дека следниот јубилеен 15ти Централно европски симпозиум за фармацевтска технологија ќе се одржи во Словенија, земјата каде што и започна неговата историја, а потоа повторно традиционално ќе се организира во различни европски земји.  

Годинешниот Централно европски симпозиум за фармацевтска технологија се одржа со поддршка на „Реплек“, компанија која беше главен покровител на настанот.