Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Фармацевтски Факултет - Скопје

За факултетот

Објект на Фармацевтски факултет Скопје

Објект на Фармацевтски факултет Скопје

УНИВЕРЗИТЕТ „Св. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“
ФАРМАЦЕВТСКИ ФАКУЛТЕТ

Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје е највисока ­обра­зовна, научна и здравствена институција од областа на фармацијата во Република Македонија. Лоциран е во центарот на Скопје во склоп на Клинички центар – Мајка Тереза (медицински универзитетски кампус) и се простира на вкупна површина од 3000 m2 во кои се сместени 5 институти, 7 центри, 11 лаборатории, 3 предавални, е-библиотека и административен оддел.
Основан е во 1977 година, како резултат на извршените анализи и урврдениот дефицит на фармацевтски кадри во Република Македонија, а за потребите на здравствената дејност, фармацевтско-козметичката индустрија и другите општествени потреби. Одлуката за основање на факултетот е донесена на ден 4.4.1977 година од Универзитетскиот совет на Универзитетот „Кирил и Методиј”, кога е формирана и работната група од еминентни професори и стопански работници кои го изготвија елаборатот за општествено-економската оправданост за основање на Фармацевтски факултет и за отворање на студии по фармација во земјата.  Факултетот официјално почнува со работа во ноември 1977 година кога е запишана првата генерација студенти. Првата струдиска програма беше во траење од четири години и по завршувањето се стекнуваше звање дипломиран фармацевт.

Во текот на 40-годишното постоење, Факултетот развил богата дејност во повеќе области, особено во наставно-образовната дејност, во научноистражувачката работа и во стручно-апликативната дејност.

Денес, наставно-образовниот процес на Факултетот, во додипломската настава се одвива во рамките на три студиски програми, петгодишни студии за стекнување звање магистер по фармација, тригодишни студии за дипломирани лабораториски биоинженери и тригодишни студии за дипломирани диететичари/диетотерапевти. Во постдипломската настава активни се 11 програми од втор циклус студии, 9 програми од специјалистички студии од областите на здравствените специјализации и една програма од трет циклус – докторски студии. Воспоставени се високи критериуми за квалитет и едукативни стандарди во студиските програми, предметните содржини, методите на учење и трансфер на знаење, и евалуацијата на стекнатото знење и вештини, компарабилни со оние на врвните европски и светски институции од областа. Факултетот е членка на Европската асоцијација на факултетите по фармација, што му овозможува будно следење на новите трендови во фармацевтската едукација и вложување напори да се биде во чекор со времето и да се одговори на потребите од создавање квалификувани фармацевтски кадри, обучени и оспособени за работа во сите сфери на фармацевтската дејност, усогласено со Европската директива за признавање на квалификации на регулирани професии.

Како високообразовна институција која претендира да биде препознатлива во европски и во светски рамки, длабоко е вкоренето сознанието дека квалитетната научноистражувачка дејност е база за креирање квалитетна наставно-образовна дејност. Токму затоа, од самите почетоци на своето дејствување, Факултетот се залагал за развој и унапредување на научноистражувачката дејност како мерка на успешноста и квалитетот на високообразовната едукација што ја спроведува.  Консолидирањето на Факултетот, проширувањето на неговиот кадровски потенцијал, и воспоставу­вањето на повисоки универзитетски стандарди, доведе до збогатување на научноистражувачка дејност на Факултетот, потврдена преку разни видови научни резултати. Тие можат да се согледаат преку презентациите пред домашната и пред светската научна јавност во форма на статии, монографии, предавања и други форми на научна комуникација.

На Фармацевтскиот факултет до сега се изработени голем број научно истражувачки проекти, од кои речиси половина се меѓународни, од програмата ТЕМПУС ФАРЕ, програмата ТУБИТАК, НАТО програмата Наука за мир, СЕЕ.ЕРА и СЕЕ.ЕРА нет плус, COST акциите, програмите финансирани од UNESCO, како и билатералите остварени со институциите од Словенија, Србија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Австрија, Италија, Грција и др. Во моментот на Факултетот се активни 14 проекти, 6 стручно-апликативни,  3 национални и 5 меѓународни, од програмата Хоризон 2020, СОSТ акцијата БМ 1206, и билатералните проекти со Австрискиот институт за скрининг на лекови (ADSI), со Универзитетот од Црна Гора и со Интернационалниот центар за генетско инжинерство и биотехнологија, од Трст, Италија.

Високо квалитетна научноистражувачка работа во голем дел се реализира во соработка со институциите од надвор. Во оваа сфера, меѓународната соработка и учеството на билатерални, регионални и друг вид на меѓународни проекти секогаш бил императив за факултетот и за наставно-научниот кадар. Со зголемување на наставно-научниот потенцијал и кадровското еки­пирање низ годините, и со подигањето на материјално-техничките пеформаси, Факултетот стануваше рамноправен партнер на институциите од странство во реализирање на взаемно корисна соработка. Таа соработка се уште се остварува низ разни форми, преку студиски престои на наставници и сора­ботници, работа на научно-истражувачки проекти, заедничко учество на стручно-научни манифестации, изготвување публикации, размена на студенти и други форми.

Активното и суштински значајното присуство во науката, овозможува и квалитетна  стручно-апликативната дејност, која на Факултетот е значително развиена, со потенцијал и капацитет за понатамошно проширување и унапредување. Во оваа смисла, факултетот е активен и присутен во општеството преку работата која се изведува во стручно-апликатвите центри на факултетот. За Фармацевтскиот факултет е значајна, стручната и експертската работа која се спроведува за потребите на: Агенцијата за лекови и медицински средства, Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за здравство на РМ, Фармацевтската комора на РМ, Македонското фармацевтско друштво, како и за другите стопански и друг вид субјекти во државата.

 

Design and Developed by KodeForest @ All Rights Reserved by KodeForest