Menu Close

Во годината кога го бележи 45-годишното постоење, Фармацевтскиот факултет ја покренува иницијативата за воспоставување на своја Алумни асоцијација. Алумни филозофијата на поврзување на сите поранешни студенти, соработници и пријатели е широко прифатена и препознаена од многу светски универзитети кои со децении ја одржуваат оваа традицијата на организирање и меѓусебна поддршка.
Преку организирање на Алумни асоцијацијата, Факултетот ќе се обиде да ги обнови и зацврсти врските со своите некогашни студенти, да потсети на важноста за припадност кон матичната високо-образовна институција и да обезбеди постојан и организиран контакт со членовите. Идејата позади овој концепт е Факултетот повторно да стане место за собирање, запознавање и препознавање на различни генерации на поранешни студенти и соработници, кои со своeто општествено влијание, искуство и знаење ќе можат да допринесат за промоција на академскиот углед на Фармацевтскиот факултет, угледот на фармацевтската професија, промоцијата и унапредувањето на модерно фармацевтско образование како и промоција и вреднување на сите академски програми кои се реализираат на Фармацевтскиот факултет. 
Секако еден од приоритетите ќе биде и воспоставување, одржување и продлабочување на соработка со сродни високо-образовни и научно-истражувачки институции, здравствени институции и приватни субјекти, во државата и надвор од неа, во кои успешно работат поранешни студенти на Фармацевтскиот факултет.
Веруваме дека традицијата која Фармацевтскиот факултет ја негува во текот на изминатите 45 години, како најстара и најквалитетна високо-образовна институција во областа на фармација во РС Македонија, ќе продолжи понатаму со вклучување на сите нејзините некогашни студенти, денес признати научници, академици, професори, истражувачи, државници но и илјадници посветени професионалци, кои секојдневно допринесуваат за развој на професијата не само во Македонија, туку и во различни делови на светот. Веруваме дека преку воспоставувањето на алумни асоцијацијата на ФФ ќе се отворат бројни можности за општествено и професионално поврзување, разменување на информации, знаења и искуства. 

Услови за членство
Членството во алумни асоцијацијата е отворено за сите оние кои завршиле додипломски, последипломски или докторски студии на наставните програми организирани од Фармацевтскиот факултет и сите вработени (тековни и поранешни) на Фармацевтскиот Факултет. 

Ве покануваме да ја пополните пристапницата за членство во Алумни асоцијацијата на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Пристапувањето кон Алумни асоцијацијата на Фармацевтскиот факултет можете да го направите со пополнување на пристапницата на следниот линк  https://forms.office.com/r/K1eRiHgzrk или со скенирање на QR кодот подолу во пораката.

Скопје, март 2022